October 31, 2020 14:08
Свет

Дневен преглед на состојбата со Ковид-19 во светот

Според последните податоци, досега во светот се заразени вкупно 30.170.077 лица со коронавирус. Од нив, 947.311 пациенти починале, а 21.905.101 се излекувани.

Приштина – Рекордна бројка од 239 излекувани од Ковид-19 е регистрирана во изминатите 24 часа во Косово, објави Државниот институтот за јавно здравство во својот последен извештај. Во истиот период се регистрирани и три починати и 43 новозаразени лица од коронавирусот. Вкупно, од почетокот на пандемијата, во земјата се евидентирани 14.882 заболени, од кои починале 607, а болеста ја совладале 12.188 лица. Активни се 2.087 случаи. Вчера се извршени 664, а од почетокот на епидемијата нешто повеќе од 60 илјади тестирања.

Тирана – Во последното деноноќие во Албанија регистрани се 132 новозаразени од Ковид-19, додека починале четири лица во болнички услови. Од  вкупната бројка заразени односно 11.948, оздравеле 6.788, додека починале 347. Активни на болеста се 4.813, од нив 173 се хоспитализирани во двете ковид болници.

Софија – Бугарија во последните 24 часа регистрира 174 случаи на коронавирус, 19 повеќе од претходниот ден, а вкупниот број на случаи во земјата достигна 18.390.  Во изминатиот ден починаа тројца пациенти кај кои беше дијагностициран вирусот, а вкупниот број смртни случаи се искачи на 739. Во моментов, 744 пациенти се лекуваат во болници, од кои 43 се на интензивна нега.

Загреб – Во последните 24 часа во Хрватска се евидентирани 250 нови случаи на инфекција со вирусот, а две лица починаа. Во моментов има 2.108 активни случаи, меѓу нив 300 пациенти на болничко лекување и 24 од нив на респиратор. Во самоизолација има 8.765 лица. Од почетокот на епидемијата, коронавирусот  е потврден кај 14.279 лица, од кои 238 починале.

Лондон – Во Велика Британија се регистрирани 3.395 нови случаи на коронавирус, околу 600 помалку од претходниот ден, покажуваат најновите владини податоци.
Уште 21 лице почина од вирусот, пренесува Би-Би-Си.
Од почетокот на епидемијата, во земјата се регистрирани 381.614 заразени лица од Ковид-19.

Прага – Во Чешка откриени се 2.139 нови позитивни лица на коронавирус во последните 24 часа, додека бројот на смртни случаи сега е 482 од почетокот на пандемијата, објави Министерството за здравство. Ова е првпат од почетокот на епидемијата да има над 2.000 за 24 часа. Од првиот случај на 3 март, над 1,1 милиони луѓе се тестирани во Чешка, а досега се откриени 41.032 заразени лица. Активни се 17.619 случаи, а од почетокот починале 482 лица.

Берлин – -Бројот на потврдени случаи на коронавирус во Германија е зголемен за 2.194 – на 265.857, според денешните податоци на институтот „Роберт Кох”. Ова е вторпат од 24 април во Германија да има повеќе од 2.000 нови случаи на коронавирус. Германија последен пат имаше повеќе од 2.000 потврдени случаи на инфекција на 21 август. Уште три лица починаа од вирусот, а вкупно 9.371 лице починаа од почетокот на пандемијата

Москва – Во изминатите 24 часа, во Русија се регистрирани 5.762 нови случаи на Ковид-19, што е највисок дневен пораст од 26 јули, а уште 144 лица починаа од таа болест. Според официјалната статистика, вкупниот број случаи во Русија достигна 1.085.281, а стапката на дневно зголемување на бројот на случаи во последните 33 дена не надминува 0,5 проценти.  Во споредба со вчера, бројот на смртни случаи денеска е поголем за 12, а вкупно 19.061, додека вкупната стапка на смртност од Ковид-19 е 1,75 проценти.

Њу Делхи – Индија забележа уште еден рекорден скок на новозаразени од коронавирус, бидејќи во последните 24 часа се потврдени 97.894 случаи. Со вкупно 5,12 милиони потврдени случаи на коронавирус, Индија е втора земја во светот по бројот на заразени, по САД. Уште 1.132 лица починаа, со што вкупниот број од почетокот на пандемијата изнесува 83.198 лица. Индија е на третото место во светот по бројот на смртни случаи од коронавирус, по САД и Бразил. Во последните две недели бележи повеќе од 1.000 смртни случаи од Ковид-19 секој ден.