December 5, 2022 22:13
Македонија

Дијалогот со синдикатите на највисоко ниво, заедно овозможивме силен раст на стандардот и условите за работа на армиските припадници

„Подобрувањето на условите за работа и стандардот на припадниците на Армијата продолжуваат да бидат на врвот на приоритетите во нашето работење. Изминатиот период направивме многу во овој домен и овозможивме војниците, подофицерите и офицерите во Армијата на Република Северна Македонија да го добијат заслуженото место во македонското општество”, рече министерката за одбрана Славјанка Петровска на денешната средба со претседателот на Европската организација на воени здруженија и синдикати (ЕУРОМИЛ), Емануел Џејкоб.

Министерката се осврна на последните измени во Законот за служба во Армијата кој значаен исчекор во подобрувањето на стандардот на армиските припадници.

„Армијата и нејзините припадници со децении се соочуваа со ниски примања, низок стандард и сериозни предизвици во однос на нивната опременост. Денеска тоа е минато – нивниот стандард е висок, нивните примања и бенефиции се на нивото на нивното место во општеството како чувари на мирот и безбедноста на земјата и како составен дел од колективната одбрана на Алијансата”, рече Петровска.

Министерката изрази задоволство што сите новини во унапредувањето на стандардот на припадниците на Армијата се донесени во еден инклузивен процес, во тесна соработка со синдикатите во одбраната, вклучувајќи го и Независниот синдикат на одбраната, кој речиси четири години е и полноправна членка на ЕУРОМИЛ.

Претседателот на ЕУРОМИЛ, Џејкоб, се заблагодари за средбата како и за сите чекори кои Министерството за одбрана ги превзема за подобрување на армискиот стандард во координација со синдикатите, како основа за силна, посветена и мотивирана Армија. „Нивото на соработка меѓу Министерството за одбрана и синдикатите во одбраната во Северна Македонија, претставува пример како треба да унапредува соработката со синдикатите и за другите држави”, потенцираше претседателот на ЕУРОМИЛ, Џејкоб.

Европската организација на воени здруженија и синдикати е основана во 1972 година, а во неа членуваат 32 здруженија и синдикати. Нејзината мисија е унапредување на правата, слободите и професионалните и социјалните интереси на воениот персонал ширум Европа.