August 13, 2022 20:34
Македонија

Дискусија: „Превенција или реакција: улогата на општините при намалување на ризици од несреќи и катастрофи”

Институтот за демократија „Социетас Цивилис” – Скопје денеска организира дискусија на тема „Превенција или реакција: улогата на општините при намалување на ризици од несреќи и катастрофи” посветена на локалните капацитети за управување со кризи во Република Северна Македонија. Конференцијата ќе се одржи онлајн на платформата ЗУМ.

-Целта на овој настан е да се отвори дискусија за идните планови, активности и потребните инвестиции за зајакнување на отпорноста и управувањето со кризи на општините по одржувањето на локалните избори во октомври; локалните системи за управување со кризи; можностите за соработка и меѓусебна поддршка на различните актери во овој домен, како и да се претстави процесот на изработка на локални стратешки планови за намалување на ризици од несреќи и катастрофи на осум избрани единици на локалната самоуправа, велат од Институтот за демократија.

Настанот ќе го отворат амбасадорката на Обединето Кралство во Северна Македонија, Рејчел Галовеј, Марко Трошановски, претседател на ИДСЦС и Миша Поповиќ, раководител на Центарот за добро управување при ИДСЦС.

Ќе учествуваат и извршната директорка на ЗЕЛС, градоначалниците на осумте општини со кои е остварена соработка на проектот, градоначалници на останатите заинтересирани општини, како и директорите/раководителите на осумте плански региони.

Дискусијата се организира како дел од проектот „Подобрен капацитет за управување со кризи на општините во Северна Македонија”, што Институтот ја спроведува со поддршка од Обединетото Кралство, преку Британската амбасада во Скопје. Проектот има за цел да го зајакне стратешкото управување со кризи во осумте општини и да го прикаже процесот на развој на локални стратешки планови за намалување на ризици од несреќи и катастрофи.