February 2, 2023 03:17
Македонија

Дискусија и промоција на документот „Kако до ефикасна заштита во случаите на сексуално насилство?”

Мрежата за заштита од дискриминација денеска ќе одржи дискусија и промоција на Документ за јавни политики со фокус на силувањето и сексуалното вознемирување насловен „Kако до ефикасна заштита во случаите на сексуално насилство?”.

Како што информираат од Мрежата за заштита од дискриминација, настанот се организира во рамки на обележување на меѓународната кампања 16 дена активизам против родово заснованото насилство, која има за цел да го сврти фокусот на јавноста и институциите кон потребата за итно преземање на одлучи чекори за превенција и заштита од родово засновано насилство.

– Република Северна Македонија ја ратификуваше Истанбуслката конвенција (Конвенција на Советот на Европа за спречување и борба против насилство врз жени и семејно насилство) врз чија основа се направија измени на Кривичниот закон во кои не е соодветно регулирано сексуалното насилство, поточно сексуалното вознемирување. Измените на КЗ конечно, после повеќе од една година, се изгласаа во прво читање во Собраниетo. Во меѓувреме сведочиме на несоодветно спроведување на постапките за кривичен прогон на сторители на сексуално насилство, одолговлекување на постапките, несоодветно квалификување на делата и неосновано прекинување на прогонот со што се казнуваат жртвите наместо сторителите, посочуваат од Мрежата.

Целта на настанот, како што наведуваат, е да се промовира предлог решение со цел ефикасна заштита на жртвите на сексуално насилство во согласност со веќе прифатените обврски од Истанбулската конвенција и да побара итно донесување на измените на Кривичниот закон.

– Ефикасни постапки на кривичен прогон кои завршуваат со соодветни и пропорционални санкции за сторителите е единствениот начин за заштита на жртвите, обезбедување на пристапот до правда, превенција и мотивирање на жртвите да пријавуваат. Документот е подготвен во рамки на проектот „Мрежа за заштита од дискриминација: Унапредување на политиките и практиките за заштита од дискриминација и промоција на еднаквост” поддржан од Фондација Отворено општество – Македонија, посочуваат од Мрежата за заштита од дискриминација.

Воведни обраќања на настанот ќе имаат правната советничка м-р Драгана Дрндаревска, од Коалицијата Маргини и Мрежата за заштита од дискриминација, извршната директорка на Хелсиншкиот комитет за човекови права, Уранија Пировска, извршната директорка на Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство, Елена Димушевска и претстадателката на собраниската Законодавно-правна комисија, Снежана Калеска-Ванчева.