August 10, 2020 19:24
Македонија

Димовски од ССМ: Кривични за работодавачите кои зеле, а не ја исплатиле државната помош на работниците

Кривична одговорност за работодавачите кои добиле финансиска поддршка од државата за исплата на плати, а дел од средствата ги задржале, односно не ги исплатиле на вработените, побара Дарко Димовски, претседател на Сојузот на Синдикати на Македонија (ССМ) за време на неговото денешно гостување во „Утрински брифинг“ на „Слободна ТВ“.

„Некој треба кривично да одговара и да заврши зад решетки. Апелиравме за ова до Управата за Јавни Приходи од каде реагираа во најкус можен рок. Компаниите се лоцирани и согласно законот, заедно со Државниот трудов инспекторат, ќе бидат изречени глоби за исплата на парите што ги должат. Но, тоа не е доволно и мора кривично да се одговора“, истакна Димовски.

Ваквиот негов став доаѓа на ден по откривањето од Сања Лукаревска, директорка на Управата за Јавни Приходи (УЈП), дека околу 700 фирми аплицирале и добиле финансиска поддршка од државата за исплата на плати за месеците април и мај, но не трансферирале дел од парите на своите вработени. Таа додаде дека на работодавачите се доставени опомени за неисплатена плата и доколку не извршат исплата во определениот рок, ќе следи спроведување на постапка на присилна наплата на платата.

Целта на мерката, потсети Лукаревска, беше да се зачуваат работните места, а не парите да ги земат работодавачите до кои апелира да го сторат тоа пред да бидат јавно објавени. Во спротивно, додаде таа, Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување во ваков случај предвидува изрекување на глоба за сторен прекршок, а работодавачот ќе биде задолжен да ги врати добиените финансиски средства во целост, заедно со камата, во спроведена постапка на УЈП во соработка со Државниот инспекторат за труд.