December 6, 2022 22:12
Економија Македонија

Димовски: Да се исполни законската обврска за усогласување на сите плати со минималната

  Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) чека да биде повикан на прво рочиште откако на 1 септември поднесе пријава  до Основниот граѓански суд со барање да се поведе постапка против Владата поради непочитување на Законот за минимална плата кој предвидува  усогласување на платите на сите останати вработени во јавниот сектор онаму каде што државата е работодавач.

Претседателот на ССМ Дарко Димовски на прес-конференција денеска рече дека на суд ќе ги изнесат нивните докази дека работниците се оштетени со тоа што не им се зголемуваат платите за 18,4 проценти согласно Законот за минимална плата.

На истекот на законскиот рок од шест месеци за усогласување на сите плати со порастот на минималната, која во март беше зголемена на 18.000 денари, Димовски одговарајќи на новинарски прашања рече дека издејствувале зголемување на палтите со потпишување колективни доовори во јавни комунални претпријатија во дел од општините, но не успеале, рече, во институците кои се под капа на државата и Владата.

За новата методологија која се спомнува во изминатите месеци, рече, не се известени, а смета и дека методологија веќе постои во Законот за минималната плата. Средби со претставници на Владата ССМ немал од 1 мај, кога разговарале со вицепремиерот Фатмир Битиќи и министерката Јованка Тренчевска за линеарно солидарно зголемување на платите од 2.806 денари.

-Тогаш не се спомнуваше никаква методологија за од август, откога исчезна и социјалниот дијалог и од кога нема повеќе средби, да има изговор дека треба да се направи методологија. Методологијата е јасно впишана во Законот за минимална плата и уште еднаш ќе повторам дека со порастот на минималната плата треба да се усогласат и останатте плати колку што таа пораснала. Имаме законско решение, имаме методологија, нека ја спроведат, а доколку сметаат дека таа не е применлива, ние сме отворени да разговараме за нова методологија. Досега ниту некој нè повикал за да направиме нова методологија, ниту сме консултирани доколку се прави методологија, која е фамозна за нас и за неа се зборува веќе од летото, рече претседателот на ССМ.

Додаде дека ССМ е уште во штрајк во јавниот сектор и се штрајкува секаде каде што нема зголемување по основ на Колективен договор и Закон. Единствено решение на работникот, рече Димовски, е да се освести и да си го побара тоа што му следува со закон и колективен договор.

-Власта е нема за покачување на платите, судовите си имаат постапки, а има и недостиг од судии, така што оваа битка нема да заврши сигурно за помалку од една година. Апелирам таму каде што синдикално се организирани работниците да застанат со нас бидејќи треба да се исполни законската обврска за усогласување на сите плати, и во јавниот, и во приватниот сектор, рече Димовски.