October 28, 2020 03:17
Македонија

Димова не дава оставка, му скратила пари на Тортевски па тој ја „измислил приказната“ со магарињата

Директорката на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, Лидија Димова на денешната прес-конференција рече дека сторијата за „фризерницата“ е замајување на јавноста, и дека нема намера да даде оставка.

-Во врска со ВМРО-ДПМНЕ кои бараат моја оставка. Морам да ги разочарам и да кажам дека оставка нема да дадам се додека не откријам како се проневерени 2,2 милиони евра. Тие велат дека се плашат дека јас ќе сум ги избришела податоците. Нека не се тревожат, системот во Брисел е таков што сите податоци се запишуваат автоматски, таму нема бришење, изјави Димова.

На објавата со магарето од страна на Тортевски, таа реагираше дека тоа е еден вид одмазда на Тортевски, поради тоа што не ги добил очекуваните пари од еден проект.

-За проектот со магарињата. Ако одите на веб-страната на Националната Агенција, таму има еразмус проект. И има алатка по која наоѓате проекти. Може да внесете било што: пчели, магаре… Ви ги кажува сите проекти во врска со магарињата и ќе ви каже колку држави учествувале во тој проект. Не се магарињата толку смешни колку што Тортевски сакаше да направи приказна. И таа приказна не беше случајна, таа небулоза од Тортевски кој се забавуваше со темата магариња, затоа што тој има тужба кон Националната Агенција затоа што имаше еден проект за кој јас ги скратив средствата и ваквите пишувања на Тортевски имаат еден вид позадина, рече Димова.

За 54-те илјади евра за Кипар и  т.н. гостопримство, пак, рече дека се работи за лошо преведен збор и дека “hospitality” на американски значи угостителство.

-Се работи за угостителско училиште кое оди во Кипар, учат како да работат во нивните хотели и ресторани, и се враќаат назад. Јас не сфаќам што има толку лошо во тоа. Фамата и она што јавноста не го разбира е дека тие 54 илјади не ги зема трето лице, тие се за трошоци за двете организации во случајот. Исто и за проектот со магарињата – парите не ги зема само училиштето кое ќе оди таму, туку сите организации и меѓу себе си ги делат парите, рече Димова.

Таа претходно се осврна на случајот „Фризерница, за кој вели дека е замајување на јавноста.

Според неа, во програмата „Еразмус” е дозволено да се пријави секој. Нема организација што не може да биде корисник, а во последно време во делот „Млади” корисници можат да бидат и физички лица. Единствено е забрането за политички партии. За добитникот на грантот Зоран Златковски, за кој деновиве се пишуваше дека добил 270.000 евра за фризерница, рече дека го познава откако е директорка, а дека тој има искуство со Агенцијата од 2011 година.

На прес-конференцијата беше и Златковски, според кого е лажна вест дека грантот го добила фризерница, туку аплицирал со фирмата „В.Е.З трејд” која има посебна сметка и е наменета само за проектите за Еразмус. Таа ги има, рече, сите капацитети и е квалификувана во можноста да ја користи Еразмус-програмите. Фирмата постои од 2001 година и оттогаш работела во различни дејности, а моментно е регистрирана како фризерски салон и салон за убавина, но рече дека има општа клаузула за дејност односно може да се занимава со се што е во врска со регуларниот бизнис во државата и дека тоа не ја спречува да аплицира во Еразмус-програмата. Нагласи дека нникогаш не била затворана и казнувана и дека е отворена за проверки на смеководството од страна на Обвинителството и други надлежни институции.  Со „В.Е.З трејд” аплицира од 2018 и добил грант кој чини околу 53 илјади евра.

-Фризерница е тотално лажна вест. Фризерница не добила проекти. На фирмата „В.Е.З трејд” и се одобрени грантови кои се изработени во соработка со Националната агенција. Фризерницата посебно функционира, има посебна сметка, регистрирана е како фризерски салон и салон за убавина, но тоа  е сосема друго. Оваа сметка функционира исклучиво за проектите и тие пари се доделени за партнерските организации. Според правилата на Еразмус, кога ќе ги добијам, 80 проценти од парите им ги префрлам на партнерските организации, во моментов тие се од Бугарија и Литванија,  рече Златковски.

Преоктите се однесувале на младинска работа и на едукација на млади за медиумска писменост, и двата се, рече, успешно затворени со вклучени наставници и ученици од партнерските земји. Биле  организирани серија обуки и опфатени околу 50 ученици од различни средни училишта преку огласи на веб-страницата на „В.Е.З Трејд”. Тие оделе во странство за обуките за медиумска писменост во дигитално опкружување, а во текот на преоктот имале соработка и со АВМУ и екипи на МРТ. Направена е, рече, и емисија која ќе се прикажува на јавниот сервис од 26 октомври за Деновите на медиумска писменост, а од март е планирано да се снимаат нов циклус емисии кои ќе бидат интернационални, но дека услов за тоа ќе биде короната. Поради успешноста на тој преокт, рече Златковски, и оваа година повторно аплицирал во Еразмус за нов проект кој со претходниот ќе бидат спој.

Поврзани вести

Кривична пријава против Лидија Димова

24news

Нови 621 заболени од Ковид-19 – уште 15 лица починаа

Filip

Оливер Спасовски е позитивен на Kовид-19

Igor