August 21, 2019 16:25
Економија

Димковски: Денеска се исплатија 106 милиони денари за интервентната мерка за индустриско јаболко

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски, денеска во Ресен одржа работни средби со градоначалникот на општина Ресен, Живко Гошаревски и со земјоделци од овој регион. На средбата со градоначалникот беа презентирани активностите коишто ги презема општината во секторот земјоделство во делот на создавање на услови за обезбедување на модерни откупни и преработувачки центри, со коишто ќе се овозможи сигурен пласман и откупот на јаболката, како и капиталните проекти кои општина Ресен ќе ги реализира преку мерките од Програмата за рурален развој.

На средбата со земјоделците, министерот Димковски ги информираше дека денеска Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој исплати 106 милиони денари за дополнителната субвенција од 3 денари за килограм предадени јаболка во преработувачки и откупувачки центри до 25-ти декември 2018 година. Оваа интервентна мерка МЗШВ ја донесе со цел да се покријат загубите на овоштарите  поради проблемите коишто се јавија при откупот на јаболка во реколтата 2018-та и да се ублажат последиците од временските непогоди во изминатиот период.

„Денска се исплатени 106 милиони денари, а на 2.100 овоштари им се исплатени одредени суми во зависност од предадените количества. Воедно на средбата со земјоделците ги поделиме и зелените картички на земјоделците за зелената нафта. Веќе една недела се делат зелените картички преку Подрачните единици на Министерството за земјоделство,шумарство и водостопанство. На средбата со земјоделците разговаравме и за сите други актуелни теми и активности коишто и ние како министерство ги планираме, а тоа се пред се планските инвестиции за откупно-дистрибутивните  центри, еден од планираните центри преку проектот на Светска банка треба да се изгради токму тука во Ресен“, изјави министерот Димковски.

Инаку во Ресен беа поделени 2.156 зелени картички со вкупна вредност од околу 7,5 милиони денари, со коишто земјоделците од овој регион ќе имаат можност да точат гориво за земјоделската механизација, за што 30 отсто од трошоците  покрива државата. Преку новата мерка за субвенционирано гориво за земјоделската механизација, се создаваат услови за порентабилно производство, помали производствени трошоци а поголеми приходи за земјоделците. Досега се поделени 34 илјади картички, со вкупна сума од околу 88,5 милиони денари, што претставува сериозна сума којашто се враќа директно кај земјоделците токму во време кога имаат и најмногу активности на поле.

На средбата со земјоделците беше разговарано и за мерките што МЗШВ ги презема за справување со негативните последици од климатските промени, при што министерот Димковски информираше за проектот за авионско засејување на облаците, за којшто УХМР ја финализира постапката за објава на тендер.

Градоначалниот Гошаревски,посочи дека од последното силно невреме што го зафати преспанскиот регион, се уништени 420 хектари, а општината забрзано работи на подготовка на елаборатите со цел земјоделците побрзо да бидат обештетени.

Нови вести

Германија денеска за првпат емитува 30-годишна обврзница со нула каматна стапка

zane

Само 13 отсто од интернет корисниците во земјава резервирале одмор онлајн, во ЕУ 50 проценти

Daniela

Утврден текстот на Предлог-законот за обезбедување заем за развојни политики за јавни финансии и конкурентност

Filip