Македонија

Димитров: Ширењето на соработката, помошта и информациите треба да биде побрзо од ширењето на пандемијатa

Учество на МНР Никола Димитров на состанокот на Северно-атлантскиот Совет во формат на министри за надворешни работи на земји членки на НАТО

Министерот за надворешни работи Никола Димитров денес ја претставуваше Република Северна Македонија за првпат како полноправна членка на НАТО, на состанокот на Северно-атлантскиот совет во формат на министри за надворешни работи. Состанокот, заради рестрикциите со пандемијата COVID-19, се одржа преку видео конференција.

Тој изрази благодарност до земјите членки за финализирањето на процесот на пристапување, овозможувајќи и’ на нашата земја по две-децениски подготовки, минатата недела и официјално да стане 30-та членка на Алијансата.

Притоа, Димитров го истакна значењето на членството на Република Северна Македонија во НАТО како заеднички успех во заложбите за регионалната и европската стабилност и заедничкото справување со глобалните предизвици: „Ова не е само наш успехОва е успех и за сите наши партнери во евро-атлантската заедница чии вредности се демократијата, човековите права и владеењето на правото низ единство и солидарност. Ширењето на соработката, помошта и информациите треба да биде побрзо од ширењето на пандемијата”.

Осврнувајќи се на главната тема на состанокот – пандемијата на вирусот COVID-19, министерот Димитров ги истакна мерките на Владата за справување со овој глобален предизвик, при што ја подвлече потребата од придонес на Алијансата по ова прашање во засегнатите земји членки. Потенцирајќи го принципот на солидарност врз кој се темели НАТО, заедничка беше констатацијата на министрите за потребата од преземање на итна и координирана акција за справување со кризата и ублажување на нејзините последици.

На состанокот беа разгледани и прашања во врска со Авганистан, пошироката област на Блискиот Исток и Северна Африка, како и за состојбите во Сирија. Притоа, министерот Димитров ја реафирмираше подготвеноста на нашата земја за натамошен придонес во приоритетните активности на НАТО.