October 30, 2020 09:17
Македонија

Димитров и Вархеји разговарале за идните чекори до почеток на преговори со ЕУ

Вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров, оствари средба со еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји, на која разговарале за очекувањата првата меѓувладина конференција да се одржи пред крајот на оваа година.

Од двата кабинета за МИА потврдуваат дека на средбата станало збор за ЕУ реформите и заложбите на македонската влада за нивно реализирање.

Димитров му се заблагодарил на Вархеји за „вложените напори во светло на отпочнување на преговорите со ЕУ”, како и за економската помош за справување со последиците од пандемијата на Ковид-19.

Во Брисел во тек се преговори на техничко ниво за усвојување на преговарачката рамка на ЕУ за Северна Македонија.

Од кабинетот на вицепремиерот велат дека периодот што следи е „суштински” за европската иднина на Северна Македонија и дека Владата е решена да покаже „нагласена политичка заложба” за исполнување и спроведување на потребните реформи.

Од кабинетот на еврокомесарот Вархеји за МИА кусо објаснија дека се разговарало за „следните чекори до зелено светло за пристапни преговори”, што ја подразбира преговарачката рамка.

-Комесарот и вицепремиерот исто така разговараа за потребата да се забрзаат реформите како што се заложи новата Влада, велат оттаму.

Станало збор и за долгонајавуваниот Економски и инвестициски план на Европската Комисија за западниот Балкан.

Овој нов план треба да биде објавен во текот на оваа есен, неговата цел е да ги зајакне и поддржи стратешките инвестиции во целиот регион, пред сѐ во однос на инфраструктурата.

Димитров ја продолжува посетата на Брисел попладнево со средба со потпретседателот на Европската Комисија, Маргаритис Схинас, кој се занимава со миграција.