April 6, 2020 02:51
Македонија

Димитриеска- Кочоска до Ангеловска: Колку ја чинат државата предизборните вработувања?

Интегрален текст од соопштението од дополнителниот заменик министер во Министерството за финансии Гордана Димитриеска – Кочоска до министерката Нина Ангеловска

 

Почитувана “транспарентна” министерке, Нина Ангеловска

Мојата комуникација и реакциите преку медиумите, се должи на тоа што и покрај нашите меѓусебни раговори за фер соработка, тоа не е испочитувано и до мене се доставуваат делумни, нецелосни податоци, а и добар дел од информациите и актите воопшто не се ни доставуваат.

 

– Дека тоа е така говори и фактот што од моето именување па до денес, до мене не е доставено ниту едно барање за вработување, унапредување, распределување или барање за ангажирање кое влегло преку архивата на Мф, ниту пак одговорите на истите за кои вие имате изворна надлежност како министер. Вашата „коректност и транспарентност“ е до таму што јас како дополнителен заменик министер не сум информирана ниту за кадровски прашања во Министерството за финансии!!! Тоа значи дека вие не ги почитувате одредбите од Законот за Владата, ниту Пржинскиот договор и самостојно одлучувате и потпишувате акти и документи во однос на трошењето на буџетски средства како и во однос на кадровските прашања.

– Во однос на тоа дека според вас, голем дел од капацитетите на секторите се ангажирани за одговор на моите барања, да ве потсетам повторно дека согласно Законот е предвидено јас како дополнителен заменик министер заедно и рамноправно со Вас да управувам со министерството при остварување на надлежностите, а тоа сепак не е испочитувано. Долгото времетраење за доставување на податоците за моите барања, не се состои во потребата за нивна изработка, туку во потребното време за корекциите и ограничувањата што вашиот кабинет ги врши на бараните податоци, впрочем како и што самите признавте дека сте запозната.

Ме зачудува фактот што сеуште тврдите дека годишните планови биле поширока категорија од реално дадениот опсег на согласности. Тоа можеби е точно, за известувањата за обезбедени финансиски средства за вработувањата на неопределено време, но морам да ве корегирам плановите не содржат податоци за привремените вработувања, за вработувањата на определено време, за преземањата, за ангажирањата со договор за дело и авторските договори. Знаете ли колку нови вработувања има во администрацијата по овие основи, особено во време на оваа Влада??? Повторно, се прашувам дали навистина верувате дека плановите за вработувања се поширока категорија од согласностите за вработување или ја манипулирате јавноста?

Како и што самата велите улогата на дополнителниот заменик министер според законот е да обезбеди фер и демократски избори, затоа со оглед дека до мене не стигнуваат такви податоци иако би требало, а за да јавноста оцени дали има така наречен предизборен поткуп, јавно прашувам:

– колку известувања за обезбедени средства за вработувања имате издадено во периодот од дознавање за одржување на предвремени парламентарни избори до денес:

–     на неопределено време

–     колку на определено време

–     колку за вработувања преку Агенциите за привремени вработувања

–     колку согласности имате издадено за ангажирања на лица со договор за дело и со авторски договори и како сте ценеле за нивната реална потреба???

– и се разбира КОЛКУ ТОА ЈА ЧИНИ ДРЖАВАТА.

Со оглед дека овие одговори сметате дека не треба да ми се достават, одговорете и на јавноста, на граѓаните, на даночните обврзници.  Тие имаат право да знаат!!!

И за крај, а во контекст на се погоре прашувам, какви се тие принципи на Владата која за едни министри поништува решенија за распоредувања и вработувања, додека вие слободно во период на преодна Влада вршите распоредувања, унапредувања нови ангажирања и вработувања во Министерството за финансии. Дали станува збор за двојни аршини?