December 9, 2022 13:40
Македонија

Димитриевски: Мојата идеологија е лева, социјалдемократ сум во однос на политиките, но за националните и државни прашања сум центар кон десно

Градоначалникот на општина Куманово Максим Димитриевски во вечерашното гостување во емисијата „Аргумент плус“ на телевизија 24 потенцираше дека по убедување е социјалдемократ по однос на политиките, но по националните, државни и стратешки прашања е центар кон десно, поради тоа што никој не смее да гази по идентитетот.

„Како може да не ви фали членството на СДСМ кога јас сум пораснат во таа партија од 1995 година, а првата јавна функција ја добив во 2009 година. Замислете, скалило по скалило, од претседател на месен клуб на огранок на гласачко место на млади, прво член, па претседател, па се до два члена на извршен одбор и на централен одбор на партија. Ми недостасува, но таа партија стана нешто против што јас изрично се борев. Во партијата има прекрасни луѓе и прекрасни членови, но лидершипот ја приватизираше партијата и имплементираше многу погрешни субјективни политики со голем клиентелистички, лукративен пристап и тоа е апсолутно недозволиво. Тоа не е приватна фирма, тоа е политичка партија, припаѓа на сите, но каде сме, што сме, ние сме тука. Денеска тие се таму, јас ги почитувам сите мои членови поранешни сопартијци. Бев избркан од партијата во една нелегитимна постапка, времето ќе покаже кој бил прав, продолжуваме понатаму. Мојата идеологија е лева по однос на политиките. Се уште сум по убедување социјалдемократ, но по националните и државни и стратешки прашања сум центар кон десно, бидејќи никој не може да ми го гази идентитетот и идентитенот на моите предци. И тоа нема да му дозволам никому, без разлика тоа да се поранешни претседатели на мојата партија“, рече Димитриевски.

Тој истакна дека е човек којшто сака да гледа напред, има сопствено ставови, којшто пенкалото го влече така како што граѓаните му го дале со целосен интегритет и интерес на граѓаните, а не во интерес на поединци и реализација на лични агенди.

„Мојата цел е да оставам свој траг во делот на имплементирање на политиките кои заедно со партијата ги понудивме. Не се разбравме и продолживме понатака со граѓанското здружение „За наше Куманово“. Реализиравме голем број на проекти, два кружни текови, образовни проекти итн. Општината е голема фирма, таа треба да се менаџира“, изјави Димитриевски.