December 9, 2021 01:38
Македонија

ДИК со едукативниот караван ги посети Штип, Струмица, Кавадарци, Куманово и Скопје – Ти си на ред! Излези, гласај!

Оваа недела, во рамки на едукативната и информативна кампања „Ти си на ред! Излези, гласај!“, караванот на Државна изборна комисија ги посети градовите Штип, Струмица, Кавадарци, Куманово и Скопје. Кампањата на ДИК за претстојните Локални избори се реализира со цел да се претстават правата на гласачите за време на изборниот циклус.

Во рамки на караванот, од страна на претставници на Државната изборна комисија, на случајните минувачи им се делеа едукативни и информативни материјали, кои содржат точно опишан начин како треба секој гласач да постапува на гласачкото место. Едукативната кампања на ДИК се реализираше во согласност со протоколите за заштита од КОВИД-19.

Оваа година, за прв пат се воведува и новиот начин на идентификација на гласачите, со употреба на уредот за биометриска идентификација на гласачите (УБИГ), кој има за цел да го унапреди процесот преку дигитализација и автоматизирање на дел од постапката за гласање.

Државната изборна комисија со караванот посети голем дел од градовите во нашата држава, со цел да ги едуцира и информира граѓаните за нивните гласачки права, но и да упати апел дека и овогодинешните Локални избори ќе бидат фер, демократски и безбедни.