August 15, 2020 15:46
Македонија

Дескоска му ја предаде метлата на Здравев: Законите се донесени на потег Судскиот совет

Министерката за правда Рената Дескоска, заедно со претседателот на Кривичен суд Иван Џолев, главниот јавен обвинител Љубомир Јовески, шефицата на Обвинителството за организиран криминал и корупција Вилма Русковска и претседателот на Судскиот совет Киро Здравев се приклучи на акцијата „Администрацијата чисти со Не биди ѓубре”.

– „Златната метла” што некој ја остави пред неколку месеци пред Министерството за правда денеска му ја предадов на претседателот на Судскиот совет. По завршувањето на законската рамка за судовите, сега тежиштето е на Судскиот совет. Метлата е на вистинската адреса, напиша Дескоска на нејзиниот Фејсбук-профил.

Таа во изјава за медиумите одговорајќи на новинарски прашања потенцира дека законите што тие ги направиле и ги донело Собранието сега треба да се спроведат во Судскиот совет и да се врати довербата во правосудниот систем во државата.

Судиите и обвинителите го чистеа просторот кај катната гаража „26 јули” на Јужен булевар во Скопје.

Оваа акција повеќе ја разбирам како кревање на свеста дека секој граѓанин на нашата држава треба да води сметка за животната средина, за хигиената на просторот во кој заеднички живееме. Мислам дека со својата масовност ќе се привлече внимание, не само во рамките на администрацијата, туку генерално кај сите. Мислам дека на некој начин е и признание за невладината Организација „Не биди ѓубре”, што веќе организира вакви акции. Значи ова е масовна поддршка од страна на Владата и администрацијата на нивните активности коишто ги преземаа во изминатиот период, нагласи Дескоска.