December 6, 2022 01:32
Македонија

Денес е светски ден на аутизам

Македонското научно здружение за аутизам (МНЗА) и Здружението за поддршка и третман на лица со аутистичен спектар и атипичен развој „Во мојот свет” денеска ќе го одбележат 2 април, Светскиот ден на аутизмот.

По тој повод МНЗА во Кинотеката организира настан насловен „Дружење, дружење и само дружење“. Ќе биде прикажан и филмот „Стела“. Од МНЗА посочуваат дека годинава повторно се вклучиле и во онлајн кампања на Аутизам Европа што се спроведува ширум Европа, а е наречена „Среќно патување низ животот“ за да се нагласи дека е потребен холистички пристап во текот на целиот животен век и за да се осигуриме дека лицата со аутизам можат да ги уживаат своите права и да живеат среќни и исполнети животи.

– Се проценува дека седум милиони луѓе се во спектарот на аутизам во Европската унија. Повеќето од нив доживуваат дискриминација во многу области од животот. Кампањата „Среќно патување низ животот“ има за цел да ги истакне грижите и желбите на лицата со аутизам и нивните семејства во однос на различни клучни прашања како што се пристап до образование, вработување, соодветна поддршка за инклузија, самостоен живот, пристапност и политичко учество, меѓу другите. Оваа недела на нашите социјални медиуми Фејсбук, Твитер, Линкедин, Инстаграм беа споделени многу банери и постери со интересна содржина. Луѓето кои сакаат да ја подржат кампањата можат слободно да ги споделуваат овие пораки користејќи го хаштагот #AutismDay2022, информираат од МНЗА.