December 2, 2022 10:02
Општини

Денеска и следните два дена во Дебар ќе бидат вакцинирани 270 лица

Дебар, 21 јуни 2021 (МИА) – Денеска и во следните два дена во Општата болница со проширена дејност во Дебар прва доза од антиковид вакцина ќе примат 270 лица од оваа и општина Центар Жупа.

– По добиената пратка вакцини од Синофарм минатата недела, денеска и следните два дена ќе вакцинираме по 90 лица, врз основа на добиен термин, што значи дека ќе бидат опфатени 270 лица. Исто така во средата и четвртокот прва доза добија 200 лица, информираше за МИА, Љуљзим Стрикчани, лекар специјалист, одговорен за вакцинацијата.

Додава дека во болницата во Дебар заклучно со задутре ќе бидат вакцинирани околу 1.500 лица од нив 800 се ревакцинирани. Ревакцинацијата на над 200 лица, кои примиле вакцина од Астра Зенека, ќе почне на 29 овој месец.

Според него, уште најмалку илјада лица од двете општини вакцинирани се во Скопје и во Охрид.

– Станува збор за здравствени работници, вработени во градинката, во Одделението за внатрешни работи, во други институции, просветни работници, новинари, кои се вакцинирани во Скопје, како и лица кои се пријавиле на апликацијата и добиле термин за вакциналниот пункт во Охрид, објаснува тој.

Што се однесува до епидемиолошката состојба, на ова подрачје последно ригистриран нов случај заразен со Ковид-19 е на 12-ти месецов, кој е и единствен активен случај, откако вчера во списокот на оздравени беше внесено лицето кај кое опасниот вирус беше дијагностициран на 29-ти минатиот месец. вт/цр