November 19, 2019 22:32
Македонија

Дендиас: Пријателски ја гледаме Северна Македонија

Со пријателски чувства ја гледаме Северна Македонија и пријателски го гледаме овој народ, тоа е мала земја на која многу можеме да ѝ помогнеме, изјави министерот за надворешни работи на Грција, Никос Дендиас во интервју за грчката државна телевизија ЕРТ, но додаде дека и „соседите треба да ја почитуваат чувствителноста на грчкиот народ”.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, говорејќи за спроведувањето на Договорот од Преспа, Дендиас рече дека нашата земја во пресрет на Самитот на ЕУ се обидува да направи „колку што е можно повеќе”, но дека прави и „итроштини и обиди да го скрати патот”.

– Постојат две прашања: Спроведувањето на Договорот (од Преспа) и толкувањето на Договорот. Секој правен текст има и толкување. И за ова да бидеме согласни. Не може да толкуваат како што сакаат, треба да толкуваат како што треба. Ние со пријателски чувства ја гледаме Северна Македонија и пријателски го гледаме овој народ. Тоа е мала земја на која многу можеме да ѝ помогнеме. Можеме да инвестираме, можеме да ги повлечеме со нас во една заедничка европска иднина, но треба и тие да ги почитуваат чувствителностите на грчкиот народ и на грчкото општество, рече Дендиас, истакнувајќи дека она што ја интересира Грција е на северната граница да има пријател и не сака уште еден непријател.

Шефот на грчката дипломатија објасни дека станува збор за договор „што не може лесно да се толкува и треба да ја убедиш другата страна за толкувањето”, а како средство да се искористи интегративниот процес.

Во однос на европската перспектива на нашата земја и дали Грција ќе поддржи отпочнување пристапни преговори на претстојниот Самит на ЕУ, шефот на грчката дипломатија порача дека Северна Македонија „има уште неколку денови да заврши уште неколку работи”.

– Треба да направат уште некои работи, го имаме разјаснето тоа. Ние со задоволство ќе ви помогнеме. Ќе ви помогнеме, доколку ни помогнете, оваа реченица ја искористив пред Димитров. Тоа го знаат многу добро. Треба да се обидат малку повеќе, имаат уште неколку денови, рече шефот на грчката дипломатија.

Дендиас објасни дека во грчкото Министерство за надворешни работи постои Акциски план и ќе биде назначено надлежно лице за следење на спроведувањето на Договорот од Преспа од наша страна.

Тој нагласи дека мора „да се искоренат случаите на антиквизација” и спомена дека „Министерството за надворешни работи на Северна Македонија се наоѓа на улица што се вика Филип Втори Македонски”, додавајќи дека “ова не е комплимент кон грчката страна”.

Дендиас во синоќешното интервју за ЕРТ го повтори ставот дека Атина ќе го почитува Договорот, што, како што рече, му го објаснил на министерот за надворешни работи Никола Димитров, а грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис истото му го пренел и на претседателот на нашата Влада, Зоран Заев на нивната средба во Њујорк.

Нови вести

Хрватска го поддржува писмото за Северна Македонија, но нема да го потпише

Filip

Каевски на трибина во Ресен: Наскоро завршува реконструкцијата на спортската сала, следува и изградба на ново игралиште

Filip

Премиерот Заев и министерката за финансии Ангеловска со новинари од повеќе медиуми: Буџетот е ликвиден и реален, израз на крупните политики и храбри одлуки

Filip