January 30, 2023 02:58
Балкан

Демонстранти во Софија ги исфиркаа рускиот митрополит Антониј и руската амбасадорка Митрофанова

Рускиот митрополит Антониј, шеф на Одделот за меѓународни односи во Московската патријаршија, беше пречекан од демонстранти пред руската црква „Свети Никола“ во Софија, јави дописникот на МИА од Софија.

Украинци, Русите и бугарските граѓани, кои се против режимот на Владимир Путин, утринава се собраа пред црквата за да го изразат своето неодобрување за посетата на високиот руски свештеник, кој ја претставува Руската православна црква, која ја благословува војната против Украина, ги оправдува убиствата на невини и се моли за победа на Русија над Киев.

Набргу по влегувањето на Антониј во црквата, пристигна и руската амбасадорка во Софија, Елеонора Митрофанова, која беше исфиркана од демонстрантите.

Гневните граѓани носеа плакати на кои пишуваше „Ова не е Москва“, „Стоп за геноцидот“, „Стоп Путин“, „Умри Путин!“.

Рускиот митрополит Антониј со знак со рацете им порача на демонстрантите дека немаат памет и дека не се нормални.

Софиското издание „Фактор“ наведува дека посетата на рускиот митрополит на Бугарија е уште една гнасна руска хибридна операција против Украина, слободниот свет, Бугарија и православието.

Целта на посетата е Бугарската патријаршија брзо да го признае томосот на Српската црква за Северна Македонија, кој е поддржан само од Руската патријаршија.

Покрај тоа, според други извештаи, се очекуваше БПЦ да преземе неофицијална обврска да не ги осудува руските воени злосторства во Украина, како и да го одложи признавањето на новата независна Украинска црква и да го покаже авторитетот на рускиот патријарх Кирил Гундјаев и да покаже дека Вселенската патријаршија и нејзиниот поглавар Вартоломеј немаат таква улога и влијание во православниот свет.

Митрополитот Антониј сослужуваше во рускиот храм во Софија заедно со митрополитот Ловчански Гавриил.