December 9, 2021 02:24
Македонија

Демократски сојуз: Гласаме за развој на општините

Демократскиот сојуз ги повикува граѓаните да излезат масовно на 17-ти октомври и да гласат за Македонија да се движи по патот на европските вредности.

Демократскиот сојуз дефинира дванаесет ВРВНИ ПРИОРИТЕТИ ЗА РАЗВОЈ НА ОПШТИНИТЕ И ТОА: 

1. Во рок од шест месеци да се донесат генерални и детални урбанистички планови на цела територија на државата, со кои ќе се предвидат повеќе локации за градба согласно потребите на граѓаните, но и согласно урбанистичките, еколошките и безбедносните стандарди. Социјално загрозените семејства да бидат ослободени од плаќање комунална такса.

2. Создавање услови за развој на приватни бизниси, привлекување домашни и странски инвестиции, поддршка на земјоделството, развој на обновливи извори на енергија и гасификација.

3. Обезбедување квалитетна здравствена заштита за сите, а особено за лицата кои живеат во руралните средини, чиста вода за пиење и решавање на комуналните и инфраструктурните потреби на граѓаните.

4. Робусна борба против урбаната и комуналната мафија која остварува огромни профити од  нелегално складирање опасен отпад, како и бескомпромисна борба против загадувачите на воздухот.

5. Чиста животна средина, здрав воздух и здрава храна, достапност на лекови за сите социјални категории граѓани, поголема грижа за повозрасните, за лицата со посебни потреби и социјалните случаи.

6. Конкретни решенија за намалување на сообраќајниот метеж во урбаните средини, преку изградба на паркинзи, катни гаражи, надвозници и клучки на крстосниците, воведување ред во работата на угостителските објекти и гласната музика, давање субвенции за автомобили на електричен погон, зголемување на зелените површини и конкретни планови за намалување на ризиците од елементарни непогоди и природни или вештачки несреќи или кризи.

7. Поефикасно справување со последиците од пандемијата и негативните импликации врз економијата, стандардот на граѓаните и финансиска поддршка на компаниите кои трпат последици од пандемијата.

8. Формирање урбана полиција која, меѓу другото, ќе спречува дивоградби, загадување, вандализација на парковите и игралиштата и сл.

9. Намалување на бројот на советници во поголемите општини. Рационализација на општинската администрација, намалување на бројот на административните работници во локалните јавни претпријатија, за сметка на финансиска поддршка на занаетчии и професионалци во овие претпријатија и комуналните служби.

10. Поголема вклученост на граѓаните во донесувањето одлуки на општинско ниво, преку организирање задолжителни референдуми за сите поважни прашања што го засегаат менувањето на урбаниот лик на градовите и општините, ја загрозуваат животната средина и еколошката рамнотежа и секојдневното живеење на граѓаните.

11. Демократскиот сојуз ќе обезбеди целосна транспарентност на приходите и расходите на општината, при што јавните набавки ќе ги контролира граѓанско тело составено од претставници на невладиниот сектор, медиумите и професионалци/експерти од различни области.

12. На меѓународен план, Демократскиот сојуз ќе соработува со европските демократски партии и партиите од центарот, при што врвен приоритет ќе биде полноправно членство на Македонија во Европската Унија.

Овие приоритети се дел од Изборната програма на Коалицијата “НАЈДОБРОТО ЗА МОЈАТА ОПШТИНА”, предводена од СДСМ ,при што за нивна реализација повикуваме да се гласа за кандидатите за градоначалници и советници со реден број 12.