September 23, 2019 18:15
Македонија

Демократската партија на Турците: Пендаровски не најде место за член од турската етничка заедница на Советот за безбедност

Демократската партија на Турците реагира зошто на вчерашниот Совет за безбедност немало претставник на турската етничка заедница.

„Претседателот Стево Пендаровски, кој за време на неговата изборна кампања во секој наврат ја потенцираше важноста на концептот на мултикултурализмот како основен постулат на државата, при изборот на најблиските соработници во неговиот кабинет, а исто така и при најновиот избор за членови на Советот за безбедност, како предлози од негова страна, за жал не најде место за ниеден претставник од Турската етничка заедница, која е трета по бројност заедница во нашата држава“, велат од ТДП.

Тоа покажува дека, велат од таму, турската заедница и покрај безрезервната поддршка што му ја дадоа на претседателот при неговиот избор, е запоставена односно отфрлена од страна на највисоката институција на државата.

„Поради овој факт, ние како Демократска партија на Турците во Република Северна Македонија, длабоко сме разочарани, а воедно и крајно вознемирени од овој за нас дискриминирачки пристап од страна на претседателот на државата. За нас несфатлив е фактот дека е изоставена досегашната пракса да во Советот за безбедност биде претставена нашата етничка заедница, бидејќи во сите досегашни состави на Советот имало член од Турската етничка заедница“, се вели во соопштението.

Од партијата потенцираат дека, како што велат, ваквиот индиферентен пристап кон помалкубројните етнички заедници е исто така спротивно со Националната стратегија за развој на концептот за едно општество и интеркултурализам, која е една од стратешките приоритети на Владата на Република Северна Македонија.

Нови вести

Георгиева: ВМРО-ДПМНЕ трошеше на лажен барок, шмизли, жални врби и палми, Владата предводена од СДСМ гради и реконструира патишта

Igor

Претседателот Пендаровски на почетокот на проектот „Лице в лице со Претседателот” во посета на општина Велес

Igor

И македонската делегација во акција на Генералното собрание на ОН за заштита на планетата

Igor