Search

Демант од „СЕКЕ” Прилеп за поврзаност со рускиот бизнисмен Савидис и Владата на Р.М.

Демант од „СЕКЕ” Прилеп за поврзаност со рускиот бизнисмен Савидис и Владата на Р.М.

Компанијата „СЕКЕ” ДООЕЛ Прилеп денеска преку соопштение, категорично ги демантира сите обвинувања за каква било поврзаност со рускиот бизнисмен Иван Савидис, како и наводите во медиумите за поврзаност на компанијата со Владата на Република Македонија, со премиерот Зоран Заев, или со која било политичка партија во Македонија.

Во демантот се објаснува дека компанијата која е во сопственост на рускиот бизнисмен Иван Савидис има назив „СЕКАП” АД Грција и претставува потполно различен субјект, кој нема никаква поврзаност со „СЕКЕ” АД Грција, која е основана во 1947 година и до денес ја нема променето својата сопственичка структура и оти тоа може да се провери од податоците за сопствениците на двете компании кои се јасно наведени на нивните официјални веб страници.

Компанијата, исто така, ги демантира и обвинувањата дека Панагиотис Таренидис и Александрос Контос, кои ја вршат функцијата управители во „СЕКЕ” ДООЕЛ Прилеп и прокуристот Јане Станкоски имаат каква било поврзаност со бизнисменот Савидис или со Владата на РМ.

– Наводите дека некој од Република Македонија е партнер во компанијата „СЕКЕ” ДООЕЛ Прилеп и дека менаџерите од странство се контролирани од страна на прокуристот Јане Станокоски се исто така невистинити затоа што прокуристот Јане Станкоски има ограничени овластувања согласно актите на компанијата и согласно закон, а истиот не е ниту овластен потписник на финансиските трансакции во „СЕКЕ” ДООЕЛ Прилеп, се вели во соопштението од „СЕКЕ” ДООЕЛ Прилеп.

Од компанијата ги демантираат како апсолутно неточни, наводите дека рускиот бизнисмен Иван Савидис е сопственик на компанијата „СЕКЕ” АД Грција и на правното лице „СЕКЕ” ДООЕЛ Прилеп, објавени во текст од страна на порталот „Економски Лидер” под наслов „ЕКСКЛУЗИВНО: Заев вмрежен со рускиот бизнисмен кој финансира про-руски партии и протести”.

Треба да знаете
Последни објави