December 5, 2021 11:08
Македонија

Делегација од Министерството за одбрана се сретна со претставници на НАТО агенциите за набавки, воспоставуваме брза и ефикасна комуникација и координација

Во седиштето на Алијансата, делегација од Министерството за одбрана имаше средби со претставници на НАТО – агенцијата за набавки и Агенцијата за комуникации и информации на Алијансата, на кои стана збор за воспоставување на уште поефикасна комуникација и координација помеѓу Центарот за поддршка на компании и овие две НАТО – агенции.

Целта на Центарот за поддршка на компании во Министерството е да може на сеопфатен начин да им помогне и да ги поддржи домашните компании во учеството на тендерите објавени за потребите на Алијансата и земјите – членки чија вредност достигнува околу 5 милијарди  евра годишно.

Интересот на домашните компании за запишување во електронската евиденција на Министерството е голем. Со уписот во електронската евиденција, компаниите имаат можност да се регистрираат во НАТО агенциите и да учествуваат на тендерите за набавки на Алијансата.

Центарот нуди не само административна, туку реална поддршка во секој од чекорите во процесот на апликација. Начинот на кој функционира овој Центар е доказ дека институциите можат да бидат брзи и ефикасни, и вистински партнер на домашните компании.