Свет

Девет тинејџери загинаа во уривање на мост во Суматра

Најмалку девет лица се удавија во надојдена река откако се урнал пешачки мост на индонезискиот остров Суматра, соопштија денеска локалните власти.

Девет тела биле извлечени од водата на 20 километри од мостот кој се урнал вчера попладне во провинцијата Бенгкулу.

Спасувачите трагаат по 14-годишно момче кое сè уште се води како исчезнато.

Околу 30 лица, од кои повеќето биле тинејџери, застанале на мостот по посетата на блиската хидроцентрала за да се сликаат над надојдената река.

– Очигледно, имало повеќе луѓе отколку што мостот може да издржи. Некои тинејџери дури и го лулаа мостот на шега, рекоа спасувачите.

Околу 20 лица се спасени, а едно е пренесено во болница со сериозни повреди.

Сезонските дождови во последните недели предизвикаа големи поплави и лизгање на земјиштето во Индонезија.