January 30, 2023 03:25
Економија Македонија

Дебата „Енергетска криза и решенија за иднината”

Дебатата на тема „Енергетска криза и решенија за иднината” денеска ќе се одржи на Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) во Скопје во организација на Францускиот институт во Скопје.

На дебатата, според најавите од организаторот, експертите ќе дебатираат на темата кои се решенијата за поефикасна енергетска иднина со кои би се намалил ударот врз климата и животната средина и дали и во која мера обновливите енергии можат трајно да ги заменат фосилните горива.

-Светот и Европа се соочуваат со голема енергетска криза наспроти која се принудени да започнат со транзиција за да ги сопрат погубните последици од глобалното затоплување, велат организаторите на настанот.

Дебатата ќе ја отвори Иго Бештел, советник за култура и соработка и директор на Францускиот институт во Скопје, а учество ќе земат Михаела Жиртан, професорка на Универзитетот во Анже и експерт за обновливи енергии, Антон Чаушевски, професор на ФЕИТ, Ристо Филкоски, професор на Машинскиот факултет во Скопје и стручен советник на НВО „Центар за климатски промени” и Виктор Андонов, советник за енергетски прашања во Владата. Модераторка на дебатата ќе биде Мила Јовановска, претседателка на НВО „Биди зелен”.