September 18, 2020 13:11
Свет

Две европски лаборатории потврдија дека Навални е отруен со новичок

Германската влада соопшти дека две специјализирани лаборатории во Франција и Шведска потврдиле дека рускиот опозиционер Алексеј Навални е отруен со нервен гас – новичок.

Претходно, присуството на оваа супстанца кај Навални, го потврди и германската воена лабораторија.

Портпарол на германската влада, Стефан Зајберт, денес изјави дека примероците се испратени и до Организацијата за забрана на хемиско оружје и дека ќе ги тестира во нејзините референтни лаборатории.

„Ја повикуваме Русија уште еднаш да се изјасни за овој случај. Ние сме во близок контакт со нашите европски партнери за понатамошните чекори“, додаде тој, пренесе Ројтерс.

На Навални му се слоши на 20 август во Русија, во авион, по што беше префрлен во Германија, каде оттогаш се наоѓа на лекување.