February 3, 2023 15:03
Свет

Два воза се судрија кај Барселона, најмалку 155 повредени

Најмалку 155 лица се повредени изутрината во судар на два воза на станицата Монтцад и Реихац – Манрес на околу 12 километри од центарот на Барселона, соопштија од Итната помош.

Локалните медиуми јавија дека возовите патувале во иста насока и се судриле додека еден бил запрен на станицата. Не се познати причините за несреќата.

Од Итната помош посочија дека 150 лица се полесно повредени, а пет лица се потешко повредени, но дека не станува збор за повреди кои се сериозни или опасни по живот. Три лица се пренесени во болница.

Поради несреќата накратко бил прекинат железничкиот сообраќај на неколку линии, соопшти регионалната влада.

Опишувајќи го моментот на сударот, една патничка за радио станицата Сер Каталуња истакнала дека доживеалан „страшен удар” и дека „луѓето врескале”. Друг патник за локалната радио станица RAC1 рекол дека возот бил полн.

Шпанската министерка за сообраќај Ракуел Санчез изјави дека будно ја следи ситуацијата и им посака брзо опоравување на повредените.