February 2, 2023 22:47
Балкан

Двајцата хрватски пилоти од урнатиот „МИГ 21“ се живи

Двајцата пилоти на хрватскиот МиГ-21 кој денеска падна, се пронајдени живи и надвор од животна опасност, соопшти денеска Министерството за одбрана во Загреб.

Тие успешно се катапултирале и се приземјиле од авионот на Хрватското воено воздухопловство, кога за време на обука авионот се урна во ненаселено шумско подрачје во Вировитичко-подравската жупанија кај Слатина.

Во соопштението се наведува дека пилотите се во стабилна состојба, вон животна опасност и дека ќе бидат превезени во болница на лекарски прегледи.

Според дел од медиумите, еден од пилотите си ја повредил ногата. Медиумите неофицијално објавија дека авионот се урнал зашто му откажал моторот.

Падот на авионот МиГ-21 е трета тешка воена авионска несреќа во последните 2,5 години во Хрватска. Во 2020 година, во две несреќи загинаа четворица офицери на Хрватското воено воздухопловство.