September 19, 2019 13:01
Култура

Дванаесетта година по ред Графичка работилница „Софија“ во Богданци

Од 24 август до 2 септември, традиционално по дванаесетти пат ќе се одржи меѓународната графичка работилница „Софија“. Организаторите најавуваат дека графичката уметност во наредните десет дена, во Богданци ќе собере дел од најталентираните млади графичари од регионот.

„Навистина сме среќни и горди што она кое започна како скромна иницијатива пред 12 години, денес е еден од најпрепознатливите културни настани во регионот во делот на графичката уметност. Целта е едноставна. Да се популаризира графиката како начин на уметничко изразување и да се разменат искуства меѓу младите графичари од различните графички академии од регионот“, велат од Здружението на граѓани Графичка работилница „Софија“ Богданци, кое е организатор на настанот.

На годинешната главна сесија ќе учествуваат 14 уметници (графичари) од Македонија и од странство, селектирани од државните ликовни академии во Скопје, Белград, Нови Сад, Загреб, Осиек, Сараево и Софија. Ментор на работилницата ќе биде Марио Чаушиќ, вонреден професор на Академијата за уметност и култура во Осиек, Хрватска а улогата на асистенти ќе ја имаат Виктор Семенпеев, Сања Жигиќ и Ана Димчевска Семенпеева.

Завршната изложба на создадените дела ќе се одржи на 2-ри септември во изложбениот простор кој функционира во рамките на графичката работилница. Главен поддржувач на настанот е Печатница „Софија“ Богданци, а одржувањето на работилницата е помогнато и од Министерството за култура и општина Богданци.

Графичката работилница „Софија“ првпат се одржа во 2008 година. До сега низ неа продефилираа речиси 200 млади графичари од целиот регион. Улогата на ментори ја имаа истакнати графичари и универзитетски професори од Македонија, Србија, Хрватска и Босна и Херцеговина.

Нови вести

Изложба „Природата предупредува: Будни ли сте?!“ на отворено во Слоештица

zane

МОТ денеска со претстави во Велес и Скопје

Igor

Лауретатот на Златна камера 300 за животно дело, Јоргос Арванитис пристигна во Битола

Igor