October 30, 2020 08:49
Хроника

Да се формира нова работна група за измени за Законот за вештаци, предлагаат експертите

Да се формира нова работна група со цел да се направат измени на Законот за вештаци, да се зајакне контролата на вештачењето, да се промени начинот за добивање лиценци за вештачење, да се реорганизира работата на Комората на вештаците, се дел од барањата на стручните лица кои беа изнесени на дешениот Симпозиум на тема „Предлог законски измени на Законот за вештаци”, што беше организиран од страна на Здруженијата на судска медицина, на корпоративна безбедност и на обвинители на Македонија.

Атанас Козарев, претседател на Асоцијација за корпоративна безбедност-Скопје, истакна дека законот има повеќе негативни, отколку пизитивни страни, а она што го издвои како добрина од предлог законот е тоа што се овозможува на физичко лице да биде вештак.

Тој упати критики во однос на тоа што вештаците се должни на секои пет години да ги обновуваат нивните лиценци, бидејќи, како што рече, треба да се прави разлика помеѓу лиценците за вештачење и она што се нарекува работна дозвола.

– Имавме можност да слушнеме доста интересни забелешки, повеќе негативни страни на законот кој се предлага, отколку позитивни. И тоа почнувајќи од прашањето за градење на профил на вештак, функционирање на Комората на вештаци, самиот процес на вештачење, стадиумите на вештачење, многу прашања се отворија денеска, образложи Козаров.

Тој посочи дека министерот за правда Бојан Маричиќ на денeшниот симпозиум испратил и лице кое е инволвирано во донесувањето на предлог-законот, со цел да ги слушне сите забелешки.

– Забелешките ќе  ќе бидат доставени до министерот како заклучоци од симпозиумот. Забелешки за законот имаат и обвинителите и судиите и самите вештаци, па дури и академската заедница и ќе бидеме навистина среќни доколку успееме да се формира нова работна група во којашто ќе влезат претставници од нашите асоцијации и каде што навистина сите оние небулози, сите оние нелогичности во предложениот текст на законот, ќе може да се отстранат и навистина да носиме закони кои ќе го јакнат владеењето на правото во нашата држава, заклучи Козаров.

Проф. д-р Александар Станков, Раководител на Институтот за судска медицина, криминалистика и медицинска деонтологија, се осврна на потребните измени од аспект на медицинските вештачења.

Тој истакна дека треба да се формира работно тело формирано од луѓе кои што учествуваат во вештачењата.

– Во моментов тоа го нема и не постои, треба да се променат одредени членови, треба да се дополнат со други членови да се промени начинот на вештачење, да се промени степенувањето на вештачењата и да се избришат некои небулози од типот на супер вештачење, да се додаде судско-медицинскиот одобор којшто е безсмислено да го нема во законот за вештачење и прецизно да се каже кој може да вештачи во кој случај, кои вештаци да се викнат и она што е многу важно да се испочитуваат вештаците кои што имаат завршено специјализација по судска медицина да добијат веднаш лиценца бидејќи во новната специјализација се изучува проблемот со вештачењето, а не да чекаат пет години за лиценца, нагласи Станков.