February 3, 2023 10:31
Балкан

Дачиќ: Приштина ја наградуваат за неконструктивност, а на Србија која е коректна и се закануваат

Приштина за својата неконструктивност и едностраните потези постојано се наградува, а им се закануваат на оние кои се коректни како Србија, изјави министерот за надворешни работи на Србија, Ивица Дачиќ, јави дописникот на МИА од Белград.                                                                      За изјавата на премиерот на Косово Албин Курти дека дијалогот со Белград не му е приоритет, дека никогаш нема да ја формира Заедница на српски општини и дека тоа не го интересира, Дачиќ рече дека тоа многу повеќе треба да ја загрижи меѓународната заедница отколку Белград.                                                                                                                                                                  -Тој директно плука по интегритетот на ЕУ – Бриселскиот д оговор го потпишаа Кетрин Ештон и Хашим Тачи. Интересот на ЕУ е да го зачува својот авторитет, изјави Ивица Дачиќ за РТС во Лоѓ, на Советот на министри на земјите-членки на ОБСЕ.                                                                       Тој посочи и дека прашањето за селективниот однос се наметнува кога ќе се земе предвид дека Приштина постојано ќе биде наградувана за нејзините неконструктивни и еднострани потези – како што е одлуката за визна либерализација или поднесувањето кандидатура за членство во ЕУ, а притоа им се закануваат на оние што се коректни како Србија. Дачиќ напомена и дека на високиот претставник на ЕУ за надворешна политика, Жозеп Борел, му укажал на проблемите со кои се соочува Белград – со одбивањето да се спроведе договореното, што целосно ја парализира можноста за напредок во дијалогот.                              -Не можеме да зборуваме за нови договори, а да го фрлиме стариот во вода, изјави Дачиќ.          На прашањето како Србија може да ја спречи Приштина да аплицира за кандидатски статус во ЕУ, Дачиќ одговори дека Србија не може да спречи нешто каде што не е членка.                        -Ние не сме членки на ЕУ, за неа гласаат земјите-членки, а пет од нив не го признаваат Косово и Унгарија, која го призна, но се изјасни дека нема да гласа за приемот на Косово, рече Дачиќ. Шефот на српската дипломатија рече и дека Приштина ќе оди на формулацијата дека тоа нема врска со статусот, туку дека сакаат да добијат статус на кандидати, а за статусот ќе се разговара подоцна.                                                                                                                                                -Ако го сторат тоа, ќе ги убијат преговорите. Бидејќи за што да преговараме ако им го признаете кандидатскиот статус, тоа значи дека сте ги признале и како држава, рече Дачиќ.