August 12, 2022 02:44
Свет

Данска и официјално се приклучи кон европската одбранбена политика

Данска денеска официјално ја информираше Европската унија дека одлучила да се приклучи на нејзината одбранбена политика.

За време на церемонијата на примопредавање на писмата, на која Данска ја информира ЕУ за својата одлука, шефот на европската дипломатија Жозеп Борел му кажал на својот дански колега Јепе Кофод дека Данците ја направиле Европа пообединета.

-Европската унија ќе биде посилна, ќе го зголемиме нашиот капацитет за дејствување. Европската одбранбена политика е нешто на што постојано се работи. Со оваа одлука вие целосно ќе учествувате во одлучувањето, во нашите воени мисии низ светот и во нашите одбранбени акции, рече Борел.

Тој го пофали фактот што две третини од Данците кои излегоа на референдумот гласаа за приклучување кон одбранбената политика на ЕУ, оценувајќи дека се работи за „јасно изразена волја”, објавено е на веб-страницата на Европската служба за надворешни работи.

-Бидете уверени дека ќе ги преземеме сите неопходни чекори за брзо и целосно вклучување на Данците во нашите мисии, во нашите операции, во нашата заедничка безбедносна и одбранбена политика и во нашите пошироки проекти. Има многу работа пред вас, рече Борел.