February 2, 2023 21:40
Свет

Г20 „поздравува” повеќе напори за заштита на климата и подобро финансирање

Групата 20 водечки светски економии има за цел да ги подобри напорите за заштита на климата и нивното финансирање, се вели во нацртот на конечната заедничка декларација во која имала увид ДПА на првиот ден од годишниот самит на Г20 што се одржува на Бали оваа година.

Во декларацијата, земјите-членки ја „поздравуваат” проширената и нова национална акција за климата и ги повикуваат сите страни „итно да го зголемат” намалувањето на емисиите, приспособувањето кон последиците од климатските промени како и „средствата за имплементација”.

Г20 исто така повика на „напредок” во преговорите за репарации за штетите предизвикани од климатските промени во сиромашните региони, спорно прашање што исто така е на врвот на агендата на климатскиот самит КОП27 што моментално се одржува во Египет.

Водечките 20 економии во светот се одговорни за 80 проценти од глобалните емисии на јаглерод диоксид.

Целта за ограничување на глобалното затоплување на 1,5 степени Целзиусови годишно, како што е договорено во Парискиот договор за климата, „ќе бара значајни и ефективни активности и посветеност од сите земји, земајќи ги предвид различните пристапи”, се вели во декларацијата.

– Потсетуваме и дополнително ги повикуваме развиените земји да ги исполнат своите обврски за исполнување на целта за заедничко мобилизирање на 100 милијарди американски долари годишно до 2020 година и до 2025 година во контекст на значајни мерки за ублажување и транспарентност при спроведувањето, се додава во документот.

Според пресметките на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД), индустријализираните земји ставија на располагање само околу 83 милиони долари до 2020 година.

Земјите од Г20, исто така, потврдија дека субвенциите за фосилни горива ќе бидат постепено укинати „на среден рок”.