November 29, 2022 04:49
Свет

Гутереш предупредува дека не смее да се прифати најавената анексија на окупирани делови од Украина кон Русија

Генералниот секретар на Обединетите нации Антонио Гутереш денеска ги критикуваше плановите на Русија да анектира четири окупирани региони на Украина кон својата територија.

– Тоа е опасна ескалација, за такво нешто нема место во современиот свет, не смее да се прифати, предупреди Гутереш, тврдејќи дека секоја одлука за „анексија” на делови од Украина ќе ги загрози изгледите за мир.

Рускиот претседател Владимир Путин утре ќе иницира официјална анексија на 15 отсто од украинската територија и ќе претседава со церемонијата на потпишување на договорот за припојување на четири украински региони кон Русија.

– Секоја одлука да се продолжи со анексијата на украинските региони Доњецк, Луганск, Херсон и Запорожје не треба да има никаква правна вредност и заслужува осуда, потенцираше Гутереш.

Според него, анексијата е спротивна на сето она што меѓународната заедница треба да го застапува. – Ги издава целите и принципите на ОН. Тоа е опасна ескалација. Нема место во современиот свет. Не смее да се прифати, рече генералниот секретар.

Тој нагласи дека „секоја руска одлука да продолжи во оваа насока дополнително ќе ги загрози изгледите за мир. Тоа ќе ги продолжи драматичните влијанија врз глобалната економија, особено врз земјите во развој, и ќе ја попречи нашата способност да испорачаме итна помош за Украина и пошироко”.