April 20, 2021 18:13
Балкан

Грчкиот здравствен систем повторно под притисок

Очигледно е дека постои притисок врз здравствениот систем, особено во Атика, со кој верувам дека управуваме многу задоволително, изјави грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис за време на состанокот со Комисијата „Грција 2021″, која донираше мобилни кревети за одделенијата за интензивна нега. Според грчките медиуми, 95 отсто е исполнет капацитетот на ковид креветите на Одделенијата за интензивна нега во областа Атика, поширокиот регион на Атина, додека пак неколку болници се целосно полни, а во други има само по еден или два слободни кревети.

Атика до следниот понеделник е во строг карантин, а Мицотакис рече дека потребно е трпение во следните две седмици.

– Многу добро знам дека постои голем замор. Но, треба да направиме уште еден обид, особено овие две седмици, за да можеме да се вратиме на нормалниот ритам на работа на економијата, но и на образованието. Кога ќе одлучиме, ќе го испланираме тоа со паметни решенија и со нов взаемен договор на доверба со граѓаните: економијата постепено да се отвора и сите дисциплинирано да ги следиме правилата за да остане отворена, рече Мицотакис, а во однос на вакцинациите истакна дека оваа седмица ќе стигнат до еден милион.

Портпаролката на грчката Влада Аристотелиа Пелони, на денешниот редовен брифинг со новинарите изрази надеж дека до Велигден ќе се изгради еден прв ѕид на имунитет, сѐ ќе зависи од пратките со вакцините во вториот квартал од годинава.

Во однос на сертификатот за вакцинација објасни дека намерата не е да има две категории на граѓани, туку категорија на патници кои доколку се вакцинирани нема да поминуваат низ тестови и бирократски процедури и додаде дека во Европа се повеќе земји го поддржуваат и прифаќаат предлогот на грчкиот премиер.

За економскиот аспект од здравствената криза, Пелони наведе дека за една година колку што трае пандемијата, Владата донела финансиски мерки за поддршка во висина од речиси 30 милијарди евра, од кои 24 милијарди во 2020 година, а 5,9 милијарди евра во првото тромесечје од годинава.