December 5, 2021 12:18
Балкан

Грчката Влада не ја разгледува можноста за нов локдаун

Портпаролот на грчката Влада Јанис Иконому категорично ја отфрли можноста за воведување нов целосен карантин во Грција, објаснувајќи дека се насочени кон напорите за зголемување на имунизациската покриеност и зајакнување на здравствениот систем, јави дописничката на МИА од Атина.

На денешниот редовен брифинг со новинарите, Иконому рече дека Владата има конкретна стратегија со цел „да останат отворени и целосно функционални општеството, образованието и економијата“.

– Прво, не се разгледува можноста за воведување нов локдаун. Второ, се вложуваат континуирани напори за зголемување на имунизациската покриеност и со првата и со третата бустер доза. Во Грција, бевме првите што отворивме за трета доза и една од првите земји во Европа што бустер дозата ја направивме услов за нашите сограѓани над 60 години да се сметаат целосно вакцинирани, рече Иконому и додаде дека паралелно го зајакнуваат здравствениот систем со кревети и лекари од приватните болници, но и спроведуваат контроли за почитување на воведените мерки, кои пред сè, се однесуваат на невакцинираните.

Во изминатиот период во Грција, значително е зголемен бројот на новозаразени, на смртни случаи, но и на пациенти приклучени на апарати.

Доколку се анализираат официјалните податоци од Националната организација за јавно здравје, во последните десет дена имало нешто помалку од 70.000 нови случаи и 827 починати од Ковид-19.

Заклучно со вчера 612 пациенти се приклучени на апарати на Одделите за интензивна нега во грчките болници.

Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис во интервју за „Вашингтон пост“ рече дека веројатно пандемијата во земјата ќе кулминира кон средината на декември и ја истакна важноста на вакцинацијата, објаснувајќи дека 90 отсто од пациентите на Одделите за интензивна нега се невакцинирани.

– Процентот на вакцинација на возрасната популација е 73 отсто. Сакаме да достигнеме 80 проценти, истакна Мицотакис.