April 7, 2020 22:01
Балкан

Грција ја зголемува контролата на морските и копнените граници

Мигрантското прашање сега добива нова димензија, бидејќи во брановите кон Грција има и луѓе од Иран, каде што имавме многу случаи на коронавирусот и многу кои доаѓаат од Авганистан, рече грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис за време на седницата на владата, најавувајќи зголемена контрола на морските и копнените граници, јави дописничката на МИА од Атина.

Мицотакис рече дека островите и онака се во отежната состојба за прашањата поврзани со јавното здравје и треба двојно да се заштитат, а тие како влада ќе сторат „сѐ што можат за да се избегне, особено таму, појавување на вирусот”.

Говорејќи на почетокот на владината седница, Мицотакис рече дека од денеска, земјата се повикува на параграф 6 од Регулативата 2016/399 на Европската комисија околу контрола за превенција од закана за јавното здравје, а за конкретната одлука веќе е известена ЕК.

-Што значи ова во пракса? Дека ја надградуваме на највисоко ниво контролата на нашите граници за најголемо можно спречување. За таа цел, веќе му дадов наредби на министерот за поморство и на началникот на крајбрежната служба за значајно да се зголеми бројот на бродови и бројот на патроли на островите во источниот дел од Егејското море. А секогаш во рамките на меѓународното право ќе ги зголемиме контролите во море и на копно, рече Мицотакис.

Говорејќи за коронавирусот, грчкиот премиер рече дека „најголемиот противник во ваквите случаи секогаш е паниката”.