December 10, 2022 06:52
Балкан

Грција и Бугарија ќе ја зајакнат соработката за чување на границите на ЕУ

Соработка за управување со мигрантското прашање и разбивање на мрежите на криумчарите, зајакнување на соработката за чување на границите на ЕУ, како и грчката поддршка за влез на Бугарија во Шенген зоната, биле темите за кои разговарале министерот за заштита на граѓаните на Грција надлежен за полицијата Такис Теодорикакос и вицепремиерот и министер за внатрешни работи на Бугарија Иван Демерџиев, јави дописничката на МИА од Атина.

Двајцата министри на нивната денешна средба во грчкиот град Александруполи, како што соопштија од надлежното грчко Министерство, се согласиле „да ја зајакнат соработката на двете земји за ефикасно чување на границите на Европа со Турција кај Еврос“.

– Двете земји се повикани да ги чуваат надворешните граници на ЕУ и должни сме заедно да дејствуваме што е можно подобро на овој план. Нема како успешно да се справиме со оваа задача, ако не се справиме подеднакво добро и не си помагаме, истакна бугарскиот министер, кој паралелно ја изразил и подготвеноста на Бугарија за потесна соработка со Грција, како и желбата да посредува во дијалогот со Турција.

Теодорикакос рече дека одбрале да се сретнат во Александруполи, бидејќи и Грција и Бугарија се соочени „со многу важен заеднички предизвик: големиот проблем со нелегалната миграција“.

– Границите на Грција и Бугарија со Турција се и граници на Европската Унија со Турција. Тоа е, генерално, граница на западниот свет со Турција. За жал, во последно време забележуваме организирана операција на инструментализација на несреќни луѓе, нелегални мигранти, која се одвива и на границата на Грција со Турција и на границата на Бугарија со Турција, рече Теодорикакос додавајќи дека средбата е порака за зајакнување на соработката меѓу двете земји за одбрана на границите на ЕУ, на меѓународното право и на човечките животи.

Паралелно, бугарскиот министер побарал поддршка од Грција за влез во Шенген зоната, за што Теодорикакос рече дека тие сметаат дека Бугарија е апсолутно подготвена да влезе и затоа во соодветните процедури што ќе се спроведат нивниот став ќе биде „јасен и недвосмислен и за вклучување на Бугарија во Шенген зоната“.