March 29, 2020 20:48
Балкан

Грција до 15 април забранува летови, возови, бродови од Турција, но и влез на турски државјани

Со заедничка одлука на министрите за здравство, транспорт и инфраструктура и за поморство на Грција, од денеска до 15 април 2020 година привремено се прекинуваат авионските летови од Турција и Велика Британија, но се забранува и било какво друго поврзување со Турција или влез на турски државјани, соопшти заменик портпаролката на грчката Влада Аристотелиа Пелони, на денешниот редовен брифинг со новинарите, јави дописничката на МИА од Атина.

Пелони објасни дека одлуките се од превентивни причини за заштита на јавното здравје и да се спречи дополнително ширење на коронавирусот.

До 15 април 2020, се забранува слетување на авиони од Турција и се прекинуваат морското, железничко и патно поврзување со земјата.

-Дополнително, се забранува влез на грчка територија на лица од Турција од превентивни причини за заштита на јавното здравје од дополнително ширење на коронавирусот. Забраната не ги вклучува грчките државјани, оние кои имаат дозвола за престој, како и лица чие главно живеалиште или често живеалиште е во Грција. Дополнително, од забраната се исклучуваат камионите за транспорт на стоки, како и транспорт на стока со бродови, објасни заменик- портпаролката на грчката влада.

Паралелно со летовите од Турција, до 15 април 2020 се ограничуваат и летовите од Велика Британија.