August 10, 2020 06:23
Балкан

Грција ги отвори пристаништата за крузери

Грција отвори шест главни пристаништа за крузери, за прв пат во оваа туристичка сезона погодена од пандемијата на коронавирус.

Во писмото до Меѓународното здружение за крстарење и трите главни оператори за крстарење, што го испрати грчкиот министер за туризам, Хари Теохарис, се вели дека пристаништата Пиреја, Родос, Хераклион, Волос, Крф и Катаколон се подготвени повторно да ги примат патниците од крстаречките бродови.

Бидејќи туризмот сочинува една четвртина од нејзината економија, Грција повторно се обидува да го заживее секторот, истакнувајќи дека земјата успеала да се справи добро со пандемијата.

Во Грција, со население од 10,5 милиони жители, досега се регистрирани речиси 4.500 случаи на коронавирус, а починале 206 лица.

Земјата ги отвори своите копнени граници во јуни, а на 1 јули ги отвори и аеродромите, претежно за летови од Европа.

Оттогаш, од 1,3 милиони туристи кои влегле во земјата, 340 се тестирале позитивно за Ковид-19.

Грција ги заостри епидемиолошките мерки за борба против пандемијата во саботата и воведе задолжително носење маски на сите затворени јавни места. Посети во болници и старечки домови се дозволени само во исклучителни случаи, а во кафулињата може да има луѓе колку што има столчиња.

Гостите кои стојат, дури и ако се надвор, не смеат да бидат послужени, а казната за непочитување на донесените мерки е 150 евра.

Полицијата проверува дали луѓето се придржуваат кон овие мерки и ја следат состојбата со јавниот превоз.

Во Грција вчера беа регистрирани 78 нови случаи на коронавирус.