January 29, 2023 12:40
Свет

Гроси се надева на договор за нуклеарната централа Запорожје до крајот на годинава

Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) се надева дека ќе постигне договор со Русија и Украина за создавање на безбедносна зона околу нуклеарната централа Запорожје до крајот на годината.

– Мојата заложба е што поскоро да се постигне решение. Се надевам до крајот на годината, изјави генералниот директор на МААЕ Рафаел Гроси за италијанскиот весник „Република”.

Гроси не ја исклучи можноста да оствари средби со претседателите на Русија и Украина, Владимир Путин и Володимир Зеленски.

– Нашата цел е да избегнеме нуклеарна катастрофа, а не да создадеме воена ситуација од која ќе има корист едната или другата страна, додаде генералниот директор на МААЕ.

Најголемата нуклеарна централа во Европа произведуваше околу една петина од електричната енергија во Украина пред руската инвазија, а по почетокот на војната беше окупирана од Русија и неколкупати беше принудена да работи на резервни генератори.

Бројните гранатирања во областа ги зголемија стравувањата за потенцијален голем инцидент на само 500 километри од Чернобил – местото на најтешката нуклеарна несреќа во историјата.