December 7, 2022 20:38
Балкан

Гром усмрти тројца Сиријци во центарот на Софија

Гром усмрти три лица во центарот на Софија. Во несреќата е повредено уште едно лице кое со тешки повреди е пренесено во болница. Според непотврдени информации загинатите се сириски државјани, а се на возраст од 20 до 30 години, јавува Бугарската национална телевизија (БНТ).

Инцидентот се случил вечерва во близина на црквата „Свети Никола“ во центарот на Софија кога четворицата стоеле под големо дрво кое било погодено од гром.

Брзата помош била повикана во 18:14 часот и пристигнала девет минути подоцна. Кај тројца од жртвите била констатирана смрт на местото на настанот.

Четвриот бил однесен во болницата „Пирогов“, на Ургентниот оддел. Оттаму потврдиле дека лицето е сириски државјанин на 26-27-годишна возраст. Во несреќата тој се здобил со околу 20 проценти изгореници на телото.

На местото на инцидентот, како што јави БНТ, се очекува да пристигне оперативна истражна екипа.

Инцидентот се случил откако невреме со грмотевици со пороен дожд и град го зафатил главниот град на Бугарија по 18:00 часот.