December 4, 2022 18:37
Македонија

Грковска: Прашањето за родовата еднаквост не е само прашање на жените, само преку општествен консензус ќе овозможиме еднакви можности за сите

За уривањето на стереотипите треба време и многу труд и затоа во текот на мојата политичка кариера силно сум се залагала за воведување и унапредување на квотата за родова еднаквост во политиката, мерка на која гледам како можност квалитетот на жените да дојде до израз, оцени заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење Славица Грковска, на денешниот панел посветен на тема „Жените во политиката”, во рамките на Академијата за јавни политики, во организација на Форумот за разумни политики и ИФЕС, поддржано од швајцарската Агенција за развој и соработка.
Таа нагласи дека прашањето за правична застапеност на жените не е прашање за кое треба да зборуваат или кое е борба само жените, туку е општествено прашање во кое треба да бидат вклучени сите и мажите и жените. Знаењето, квалитетот и упорноста што ја имаат жените, додаде таа, се значаен придонес за напредокот на општеството.
Од тие причини, нагласи вицепремиерката Грковска, далечната 1999 година инсистиравме претседателите на сите политички партии да потпишат Декларација за повеќе жени во политиката.
„Родовата еднаквост во политиката треба да има влијание во сите општествени сфери. Во локалната самоуправа, во јавните претпријатија и во бизнис секторот каде што ако видиме на врвот има многу малку жени. Тука е и прашањето за еднаква плата за еднаква позиција, ние сме сведоци дека жените сеуште се дискриминирани во однос на платата и тоа не само Северна Македонија, туку во демократски високоразвиените земји”, оцени вицепремиерката Грковска.
Таа нагласи дека во услови на недостаток на мерит систем квотите создаваат услови да се обезбеди поголем пристап на жените во политиката.
„За се што сте уверени дека заслужува да се борите, бидете упорни и истрајни особено ако сте уверени дека тоа е за општествено добро”, им порача вицепремиерката Грковска на претставниците од подмладоците на политичките партии.
На панелот учествуваа и Кристина Хаџи Василева, експерт за родови прашања, Мерита Максути од „Еко Герила” – Тетово и Магдалена Манаскова, поранешен пратеничка.