-За жал, како и во многу други општествени сфери, и во спортот постојат многу голем број случаи на родова нееднаквост и родова дискриминација. Родовата нееднаквост за мене, да бидам искрена е една од најфрустрирачките категории со кои се занимава денешницата. Живееме во ера на технологија, дигитализација, вештачка интелигенција, а сè уште некако најтешко ни оди да го промениме човечкиот мајндсет, рече Грковска.
Таа истакна дека како заменичка на претседателот на Владата на Република Северна Македонија, но и како жена борец за родова еднаквост, која силно се противи на дискриминација по било каков основ, може со сигурност да посочи дека секогаш ќе се залага за еднаков и фер настап и на мажите и на жените.
Вицепремиерката изјави дека оваа Анализа, која е прва од ваков тип во нашата земја, во иднина ќе претставува важен документ, за работењето и постапувањето во оваа област, особено во насока на елиминирање на родовата нееднаквост во спортот.
Според вицепремиерката Грковска, настанот е од исклучително значење, бидејќи ќе биде поттик сите релевантни чинители да го дадат својот максимум во процесот на креирање, прилагодување и имплементација на современите стандарди и нивно интегрирање во рамките на националното законодавство.
На настанот на кој беше презентирана Анализата, со свој поздравен говор се обратија и Весна Ивановиќ Кастаред, раководителката на канцеларијата на UN Women во земјава, Даниел Димевски од Македонскиот олимписки комитет, и Микаел Атерхог од Шведската амбасада, а присутни беа и главните чинители од областа на родовата еднаквост во земјата, како и претставници од спортската сфера.