June 26, 2022 03:35
Македонија

Грковска – Брнс: Продолжува американската поддршка за стратешките реформи во земјата

Вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, денеска ја прими американскаста амбасадорка Кејт Мари Брнс, придружувана од Ерик Јановски, претставник на Канцеларијата на УСАИД (Агенција на САД за меѓународен развој) во Северна Македонија, како и Слаѓана Србиноска, менаџер специјалист во американската Агенција. Амбасадорката Брнс на вицепремиерката Грковска ѝ го честитала стапувањето на новата должност потенцирајќи ја отвореноста на САД за соработка и продолжување на спроведувањето на реформите и системските мерки, кои се од огромна важност во квалитетната борба против корупцијата. Грковска ја изразила својата подготвеност за продолжување на досегашните, како што рекла, успешно спроведени стратешки цели и приоритети за зацврстување на доброто владеење во државата, со фокус на владеењето на правото, редот, антикорупцијата и безбедноста.

„Беше констатирано дека досегашните резултати во овие области се солидна основа за остварување на веќе планираната надградба на планот за борба против корупцијата темелена на четири столба: дигитализација, независно и ефикасно правосудство, професионализација на институциите и превентивни мерки“, се наведува во соопштението за средбата.