February 2, 2023 21:50
Македонија

Грковска: Ако сакаме успех во борбата против корупцијата мора да направиме коалиција на луѓе со интегритет во сите области

„Изборот на шефот на Обвинителството за организиран криминал и корупција е сосема законски, но тоа што мене како граѓанин прво ме поразува, и ова отворено го кажувам, е немањето интегритет кај обвинителите да одлучуваат независно”, изјави заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска во вечерашното гостување на емисијата Топ Тема.
 „Ние како Влада сме овозможиле предлог на закон кој што поминал во Собранието и со кој што се овозможило на тајно гласање обвинителите да го изберат првиот човек на обвинителството за организиран криминал. И ние се доведуваме во ситуација, се соочуваме со обвинители кои  се плашат, дека и покрај тоа што гласаат тајно некој може да дознае. Ние ако сакаме да имаме успех во борбата против корупција мора да направиме коалиција на луѓе со интегритет во сите области, во сите институции”, рече Грковска.
Таа нагласи дека солидарноста внатре во фелата, во обвинителството, во судството, мора да престане. Прво заради самите судиите и обвинителите, на нив не им оди во прилог да се става дамка на сите нив, само заради неколкумина.
 „Повикувам на индивидуална одговорност, не прифаќам колективна одговорност. Ако сакаме подобрување на системот, на општеството во кое живееме мора да имаме индивидуална одговорност.  Ние имаме обврска да ги детектираме слабостите на системот, да обезбедиме решенија и да го направиме системот отпорен на корупција со луѓе со интегритет во сите сфери на општеството”, оцени Грковска.