January 17, 2021 22:31
Македонија

Граѓаните треба да знаат дека има држава која е подготвена да им помогне

Граѓаните, работниците и стопанствениците треба да знаат дека има држава која е подготвена да направи се за им помогне, порача премиерот Зоран Заев на денешната прес-конференција во Владата.

Одговарајќи на новинарско прашање дали на земјава и се заканува рецесија, Заев изрази уверување дека сите досега донесени пакети на мерки ќе ги дадат очекуваните резултати, а апелираше да не се блокираат и законските решенија во Собранието.

Истакна дека засега не се разговара за воведување на полициски час или карантин, бидејќи се надеваат дека ќе преовлада свеста кај граѓаните.

– Не сме за комплетно затворање како полициски час или карантин, но никогаш не сме ја исклучиле можноста и не смееме да ја исклучиме. Немаме разговарано за таква работа затоа што се надеваме дека свесноста на граѓаните ќе биде се поголема. Верувам дека сите досега донесените мерки ќе дадат резултат и апелирам да не се блокираат законските мерки во Собранието затоа што секоја мерка има свое влијание. Мерките се испратени јавно, луѓето ги знаат и ги почитуваат, се носат маски, освен за жал, еден мал дел. Затоа, за да може да се постапува кон оние кои не ги почитуваат, законот треба да биде донесен, рече Заев.

Најави дека веќе се подготвуваат пакети за поддршка на музичарите, детските градинки од приватна дејност и за сите оние кои се обратиле до Владата.

– Верувам дека заедно, солидарно ќе успееме сите полесно да ја пребродиме оваа зима, подвлече Заев.