February 3, 2023 21:25
Скопје

Град Скопје со нов јавен повик за линиите 20 и 22, „Слобода превоз“ и „Макекспрес“ нема да може да конкурираат

Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска најави јавен повик кој треба да биде објавен денеска, а се однесува на линиите од кои градот Скопје има потреба. Се работи за линиите со бр. 20 и бр. 22. Но, како што нагласи Арсовска, „Слобода превоз“ ниту „Макекспрес“ нема да може да конкурираат една година од денот на раскинување на договорот поради прекршување на одредбите од договорот од нивна страна.

„ Јавниот градски превоз го организираат органите на локалната самоуправа, а не приватни бизнисмени, политички партии или други интересни групи. Во случајот организацијата на јавниот градски превоз е обврска на Град Скопје и ЈСП „Скопје“, се истакнува во соопштението од Град Скопје.

Основна заложба на ова градско раководство, како што велат од таму, е оптимизација на непродуктивните трошоци и пренасочување на тие средства кон проекти од корист за граѓаните. Додаваат дека Град Скопје и ЈСП во последните шест месеци успеаја да оспособат 130 автобуси од флотата на ЈСП, со што бројката на градски автобуси се зголеми од 140 активни во овој период минатата година на 270.

На овој начин, како што посочуваат, граѓаните на градот Скопје добиваат подобра, поевтина, сигурна и стандардизирана услуга.