October 1, 2022 13:32
Скопје

Град Скопје најавува грдежна офанзива – реконструкција на улици во должина од 10 километри

Град Скопје годината ја започнува со целосна реконструкција на улици во должина од 10 километри, во првите 100 дена од новиот мандатот на градоначалничката Данела Арсовска, информираат градските власти.

Во соопштението се наведува дека станува збор за сообраќајници кои долги години не биле реконструирани.

„Реконструкцијата започнува на 20 јануари, и тоа на улицата Никола Карев, булевар Кузман Јосифовски Питу од раскрсницата со ул. Никола Карев до раскрсницата со ул. Борис Кидрич, реконструкција на булевар АСНОМ од раскрсницата со бул. Србија до ФФМ, улицата Христо Татарчев од раскрсницата со ул. Народни Херои до кружен тек со бул. Србија, ул. Србија, Тодор Александров, ул. Перо Наков од бул. Киро Глигоров до раскрсницата со ул. Маџари. Реконструирани ќе бидат и улиците Радишанска, Војдан Васил Чакаларов, Волково и улица Фрањо Клуз“, посочуваат од Град Скопје.

Додаваат дека програмата и програмските активности ќе се реализираат преку реални проекти со целосна имплементација, преку креирање на брзи и ефикасни сообраќајни решенија и безбедни сообраќајници за граѓаните како приоритет на кој посветено ќе работи градската администрација во овој четиригодишен мандат, почнувајќи уште од првите 100 дена.