August 21, 2019 11:48
Економија

Градинарските култури во Струмичко се откупуваат по рекордно високи цени

Кромидот, младиот компир, доматите, цвеклото и лутите пиперки во Југоисточниот регион на државата се откупуваат по рекордно високи цени.

Кромидот се откупува од 25 до 30 денари за килограм и според земјоделците толку висока цена немал „од времето на Анте Марковиќ”. Младиот компир се откупува по 40 денари, доматите за 50 денари, цвеклото 25 денари за килограм, благиот компир за рекордни 100 денари, а парче лута пиперка се плаќа 5-6 денари. Единствено откупните цени на пролетната зелка и краставиците се движат во рамки на очекуваното, зелката 15 денари за килограм, а цената на краставицата е променлива.

-Задоволни сме од откупот и од висината на цените. Единствено стравуваме за откупот на краставицата, но се надевам дека ќе се одржи исплатливата цена за нас. Денека се откупува по 15 денари за килограм, но цената секојдневно варира, вели Ванчо Митев, земјоделец од струмичкото село Добрејци.

Според трговците, високите откупни цени на одредени култури се должат на големата побарувачка на европските пазари.

-На европските пазари има голем недостиг од кромид. Единствен производител овие месеци е само Египет, а во последниот период и ние. Поради тоа има голема побарувачка за него. Имаме ситуации кога не се прашува за квалитетот на кромидот, информира Ацо Стоилков, откупувач од Струмица.

Додаде дека и производителите на праски, сливи и кајсии треба да очекуваат добри откупни цени, бидејќи голем дел од ова овошје во Европа претрпе сериозни штети од студовите.

Нови вести

Германија денеска за првпат емитува 30-годишна обврзница со нула каматна стапка

zane

Само 13 отсто од интернет корисниците во земјава резервирале одмор онлајн, во ЕУ 50 проценти

Daniela

Утврден текстот на Предлог-законот за обезбедување заем за развојни политики за јавни финансии и конкурентност

Filip