January 15, 2021 15:23
Македонија

Го зголемивме Буџетот за МВР, повеќе пари за полицајците, развој и стабилност

Прес –конференција, Мартин Костовски, пратеник на СДСМ

 

„Буџетот за 2021 обезбедува стабилизација, но и натамошен развој на клучните сегменти во државата. Во таа насока е и Буџетот за 2021 година за Министерството за внатрешни работи, кој е проектиран на 10,5 милијарди денари, што е зголемување за 3,08 отсто во однос на 2020 година.

Она што е важно да се напомене е дека со овој Буџет има зголемување на ставките кои  означуваат реконструкција и изградба на објекти, како и непречена реализација на континуираното обезбедување униформи за полициските службеници и лична заштитна опрема. Со тоа се демонстрира посветеноста на Владата и Министерството за подобрување на функционирањето на МВР во остварување на основните приоритети и цели согласно стандардите на НАТО и ЕУ.

Продолжува вложувањето во реконструкција и модернизација на објектите на МВР.  Откако во претходниот период беа делумно или целосно реконструирани 45 објекти на министерството, во тек е реконструкција на ОВР Кавадарци, ОВР Гевгелија, Регионален центар Југ и Полициска станица Бит Пазар. Со зголемен буџет за оваа ставка во 2021 година од вкупна вредност од 83.000.000 денари, во следната година следува реконструкција на полициските објекти во рамки на СВР Куманово, Полициското одделение Ростуше и Полициската станица Ресен, со цел подобрување на условите за работа во нив.

Во 2021 година продолжува и инвестицијата во човечкиот капитал. Обезбедени се средства во износ од  150 милиони денари за бонус плата за 2020 година. Водејќи се одговорното и домаќинско работење, во Буџетот на МВР за 2021 година, сериозно се кратат средствата за непродуктивни трошоци. Со Буџетот за 2021 година, не се превидени средства за купување на мебел и за возила, односно дел од овие средства се пренасочени за набавка на опрема, согласно стандардите и барањата за интеграција во ЕУ и НАТО.
Владата предводена од СДСМ, сите министерства продолжуваат со одговорно, домаќинско управување со јавните финансии. Инвестираме во сето она што е важно за граѓаните, обезбедуваме стабилност и развој.